Триесет и четиригодишниот демократ и левичар Зохран Мамдани е избран за градоначалник на Њујорк, со што ја однесе најголемата победа за прогресивното крило на Демократската партија. Мамдани вети дека ќе ја врати власта на работничката класа и ќе се бори против администрацијата на Доналд Трамп, кого убедливо го порази и неговиот поддржувач, поранешниот гувернер Ендрју Куомо.
Мамдани, кој потекнува од Уганда, е првиот муслиман избран за градоначалник на Њујорк и на 1 јануари ќе стане најмладиот градоначалник на градот во последните сто години. Тој за себе вели дека е демократски социјалист, односно скандинавски тип на социјалист, отфрлајќи ги обвинувањата на Трамп дека е комунист.
По прогласувањето на победата, тој упати директна порака до претседателот Трамп:
„Доналд Трамп, бидејќи знам дека ме гледаш, имам неколку збора за тебе: појачај го звукот“, изјави Мамдани.
Трамп претходно се закани дека драстично ќе ги намали федералните средства за Њујорк доколку победи Мамдани. Новиот градоначалник возврати:
„Ако некој може да му покаже на народот предаден од Доналд Трамп како да го победи, тоа е градот од каде што се појавил. И ако постои начин да се заплаши еден деспот, тоа е со демонтирање на условите што му дозволиле да акумулира моќ“.
На изборите гласаа повеќе од два милиони њујорчани, што претставува најголема излезност од 1969 година.
„Њујорк ќе остане град на имигранти, град изграден од имигранти, управуван од имигранти и од вечерва, предводен од имигрант“, порача Мамдани.
Покрај Њујорк, кандидатите на Демократите победија и на изборите за гувернер на Вирџинија и Њу Џерси.