Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде изречена пресудата за случајот со трагичната сообраќајна несреќа во која животот го загуби младата Фросина Кулакова. На судењето што започна на 9-ти овој месец, обвинетиот Васил Јованов ја призна вината за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Несреќата се случи во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Според обвинението, на 29-ти јануари, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“.
На пешачки премин, додека семафорот покажувал зелено светло за пешаците, возилото управувано од Јованов удрило во Кулакова, која поминувала на означениот премин. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов, е предвидена затворска казна до 20 години.