На денешен ден, православната црква го одбележува споменот на Света Параскева – христијанска маченичка од вториот век, родена во Рим од побожни родители, која целиот свој живот го посветила на верата во Христа и проповедањето на Евангелието.
По смртта на нејзините родители, Света Параскева го раздава целиот имот на сиромашните и се замонашува. Не се криела, туку со уште поголема ревност го ширела христијанското учење, иако тоа било строго забрането и крваво гонето од римските власти.
Прва била обвинета од злобни луѓе и изведена пред царот Антонин. Одбива да се откаже од Христа, по што била подложена на жестоки мачења, меѓу кои и ставање усвитен шлем на главата. Според житието, Господ ја спасил, а таа го продолжила својот подвиг низ разни градови, иако повторно била мачена и гонета.
„Не ме исцелија вашите богови, туку мојот Христос, вистинскиот Бог“, му рекла на еден од нејзините мачители.
На крајот, кнезот Тарасиј ја осудил на смрт, и била убиена со меч. Нејзините мошти подоцна биле пренесени во Цариград.
Света Параскева се смета за заштитничка на жените, болните и сите кои страдаат, а нејзиниот пример останува симбол на непоколеблива вера, храброст и саможртва за вистината.