Во држава со истрошени чувства и ослабени рефлекси на човечност, една вест одекна посилно од секоја насловна страница: во Прилеп, животите на три лица, меѓу кои и едно дете, згаснаа во брутална семејна трагедија. Во домот на тишината, таму каде што требало да има мир и разбирање, се случи злосторство кое го замрзна воздухот, го замолкна здивот, и ѝ удри шлаканица на целата јавност.
Убиен е маж, претседател на клубот „OFF ROAD PRILEP“, убиен е човек, убиено е неговото дете. Убиецот – нивен најблизок роднина, вујко, кој потоа си го одзеде животот. Пред злосторството, остави објава на социјалните мрежи во која најави лична пресметка и семејна драма која, за жал, заврши со невини жртви.
Ова не е само семејна трагедија. Ова е јавна болка. Болка на еден град. На една држава.
И токму затоа, овој момент мора да биде почеток на општествена свест и институционална одговорност. Не смее да продолжиме како ништо да не се случило. Не смее Прилеп, два дена по оваа трагедија, да се подготвува за фестивал, за музика, за пиво и забава. Не е време за славје. Не е време за музички бумови. Време е за тишина. За почит. За достоинство.
Ги повикуваме институциите: Општина Прилеп, Владата на Република Северна Македонија, организаторите на „Пиво фест“ – прогласете тридневна жалост. Откажете ги сите музички настани во градот. Испратете порака дека човечкиот живот, дека еден детски живот, е поважен од секоја организација, секој настап, секоја бина.
Молкот е понекогаш посилна порака од сите изјави. А сега, сè што бараме е – да се замолчи.
Од почит. Од солидарност. Од човечност.
Зашто кога ќе замине дете – секоја песна е навреда.
Пишува: Виктор Азманоски