Дејан Милошевски со највисока судиска лиценца од Панамериканската федерација

Дејан Милошевски, Македонец кој живее и работи во САД, стана првиот Македонец кој ја доби највисоката судиска лиценца „Referee A“ од Панамериканската карате федерација (PKF) — едно од најпрестижните континентални признанија во светот на карате судењето.

Оваа лиценца, која претставува врв на континенталното судиско усовршување, обично се стекнува по долгогодишна практика и постепено полагање на пет последователни рангови: судија Ц, Б, А, Рефери Б и Рефери А.

Милошевски, инаку и почесен карате амбасадор на Македонија, беше дел од американската судиска делегација составена од 21 судија, која ја претставуваше САД на историското Панамериканско карате првенство.

Дополнително, Милошевски успешно ја доби и лиценцата за кати, со што стана единствениот Македонец во историјата кој поседува и европска и панамериканска континентална судиска лиценца.

„Се подготвував со страст и визија. Сакав да бидам најдобар и да покажам од каде доаѓам. Судев неколку финалиња и со гордост кажував: Јас сум од Македонија. После овој шампионат, секој член на PKF ќе знае за Македонија“, изјави Милошевски по завршувањето на натпреварувањето.

Првенството, организирано од Панамериканската карате федерација (PKF), беше најмасовното досега, со учество на 563 натпреварувачи од 28 држави, а за прв пат беа вклучени и категориите У21 и Пара Карате.