Димитриевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи кандидати на ЗНАМ во Куманово и Центар

Иако разговорите сè уште траат, извесно е дека уште во првиот изборен круг ВМРО-ДПМНЕ ќе им даде поддршка на кандидатите на ЗНАМ за градоначалници во Куманово и Општина Центар, изјави лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, вечерва во гостување на ТВ Сител.

Тој истакна дека постапката за неговата повторна кандидатура за Куманово сè уште не е формално завршена, додека за Општина Центар сè уште се спроведуваат анкети за неколку можни кандидати.

„Господинот Мирослав Лабудовиќ, актуелен заменик-министер за енергетика, е едно од имињата што се испитуваат во анкетите. Ќе ги почекаме резултатите и ќе го договориме кандидатот со нашиот владин партнер, од кого очекуваме поддршка не само во Центар, туку и во други општини. ЗНАМ, пак, ќе возврати со поддршка таму каде што нема да настапиме со свој кандидат“, изјави Димитриевски.

На прашање дали очекува поддршка и од коалицијата ВРЕДИ во Куманово, тој одговори дека засега има договор со ВМРО-ДПМНЕ, но со ВРЕДИ сè уште не се разговарало, иако, како што рече, „има простор и за тоа“.

Димитриевски потврди дека се разгледуваат кандидатури и за општини каде актуелните градоначалници се од опозицијата, но и од власта, а изборот ќе се базира врз основа на мерења на терен.

 

„Ќе се извршат мерења на имињата што ги предложивме и ќе ги избереме најпосакуваните кандидати за граѓаните“, додаде тој.

Претходно денеска и премиерот Христијан Мицкоски потврди дека течат разговори со ЗНАМ за заеднички кандидати во Куманово и Центар. Тој најави дека повеќе детали ќе бидат соопштени во втората половина на август, по завршување на консултациите.