Димитриевски: Државниот грб ја отсликува реалноста на народот

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави дека актуелниот државен грб ги задоволува сите потреби, како од историски, така и од географски аспект, и верува дека тој „ја отсликува реалноста на македонскиот народ и македонската држава“.

Како лидер на третиот владин партнер, Димитриевски нагласи дека евентуални промени на државниот грб или други обележја би отвориле широка дебата.

– Сите симболи ни значат, вклучувајќи го лавот и сонцето од Кутлеш, кое, за жал, согласно Преспанскиот договор повеќе не е дел од официјалната иконографија. Но, како и да е – исто така е и петокраката. Ќе отвориме дискусија и ќе видиме. Не сакам ништо да отфрлам однапред – изјави Димитриевски.

Тој додаде дека движењето ЗНАМ е против дополнително политизирање и партизација на државните симболи.

Димитриевски денеска во Скопје присуствуваше на четвртата јавна дебата за измените на Законот за локална самоуправа.