Димитриевски најави убедлива победа уште во првиот круг

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија одржа голема промотивна конвенција во Куманово, на која беа претставени кандидатот за градоначалник, Максим Димитриевски, и советничката листа предводена од Ивана Ѓорѓиевска. Големиот број граѓани, според соопштението, ја потврдиле силната поддршка за актуелниот градоначалник.

​Во своето обраќање, Димитриевски се осврна на сработеното во изминатите осум години, набројувајќи дел од над 800 реализирани проекти кои го подобриле квалитетот на живот во Куманово.

​„Нашата работа и нашите принципи – чесност, искреност, посветеност и отчетност, секогаш носат резултати. Проектите не се прават само пред избори, туку постојано, секој ден. Тоа е разликата и затоа граѓаните нѝ веруваат,“ истакна Димитриевски.

​Тој порача дека најголемата награда е токму довербата од граѓаните, која е потврда дека Куманово сака континуитет, стабилност и развој.

​„ЗНАМ знае, Куманово знае, и сите во Македонија знаат што ќе се случи на 19 октомври. Мириса на победа! И тоа убедлива победа уште во првиот круг“, рече Димитриевски.

​За следниот мандат, тој најави квалитетна програма со стотици проекти од сите области, за која јавно се обврза дека ќе ја исполни од А до Ш. Реализацијата на програмата, според Димитриевски, ќе го промовира Куманово во регионален економски центар и најсредена општина во Македонија.