Димитриевски: Убедливото водство во првиот круг е доказ дека Кумановци веруваат во дела, а не во празни ветувања

Кандидатот за градоначалник на Општина Куманово од Движење ЗНАМ – За наша Македонија, со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, Максим Димитриевски, им се заблагодари на граѓаните за довербата по освоеното убедливо водство во првиот круг. Тој нагласи дека резултатот е потврда за препознавање на континуитетот и вистинската насока на градот, и дека добил поддршка од сите етнички заедници.

​Максим Димитриевски, кој оди во вториот круг од изборите, изјави дека гласот на граѓаните е потврда оти го препознале континуитетот, развојот и вистинската насока на Куманово.

​„Моето убедливо водство во првиот круг и победата на советничката листа на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Куманово, предводена од Ивана Ѓорѓиевска, е доказ дека граѓаните веруваат во визија и дела за Куманово, а не во празни ветувања“, истакна Димитриевски.

​За него, како што напиша, особено важно е тоа што добил поддршка од сите граѓани на Куманово и од сите претставници на етничките заедници во градот.

​Димитриевски ја искористи приликата да им се заблагодари на сите членови и активисти на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, како и на членовите и активистите на ВМРО-ДПМНЕ за поддршката што ја добил. Благодарност упати и до сите граѓани кои дале поддршка на советничките листи на ЗНАМ низ цела Македонија, вклучително и за кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ.

​На крајот, тој порача: „ЗНАМ и КУМАНОВО ЗНАЕ, и ЦЕНТАР ЗНАЕ, и МАКЕДОНИЈА ЗНАЕ! Одиме уште појако!“