Предлог ребалансот на Буџетот за 2025 година, кој од денеска е на дневен ред на пленарна седница во Собранието, предвидува зголемени средства за капитални инвестиции на централно и локално ниво, поддршка за приватниот сектор, отворање нови работни места, како и редовна исплата на плати, пензии и социјални надоместоци.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во своето експозе пред пратениците истакна дека предложените измени не бараат дополнително задолжување, а буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП – 4%.
„Овој ребаланс ги задржува клучните насоки на фискалната политика – макроекономска стабилност, развој и консолидација. Тоа е документ што ги потврдува нашите заложби за одговорно управување со јавните финансии и претставува континуитет на веќе воспоставениот курс, кој носи позитивни економски трендови“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека со ребалансот се обезбедува исплата на обврските наследени од претходните години, вклучително и отплата на надворешниот долг, раст на плати и пензии, како и финансиска поддршка за стопанството, сето тоа во услови на намален дефицит во споредба со 2024 година.
Дополнително, се алоцираат средства за проекти со интензивирана реализација, како и за користење на неискористени средства од минатите години кои стоеле на посебни сметки.
Министерката истакна дека проекцијата за раст останува на нивото од 3,7%, базирана на досегашните економски резултати, при што бруто-инвестициите ќе бидат главниот двигател.
„Нашите економски политики се дизајнирани да бидат отпорни на глобалните предизвици. Со внимание ги следиме случувањата кај главните трговски партнери и се насочуваме кон поддршка на домашната економија преку евтини кредити, општински проекти и стратешки инвестиции во соработка со меѓународни партнери“, рече Димитриеска-Кочоска.
Според предложениот ребаланс, вкупните приходи се проектирани на 362,4 милијарди денари, што е зголемување од 1% во однос на иницијалниот план, додека расходите се планирани на 403,7 милијарди денари – исто така со зголемување од околу 1%. Буџетскиот дефицит останува на ниво од 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.