Димитријевиќ: Режимски прогон на успешни градоначалници, властa врши притисок со монтирани пријави

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција остро ја нападна владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја за злоупотреба на институциите и спроведување на политички притисоци преку нарачани кривични пријави против функционери на СДСМ.

„Режимот на дело – кривичната пријава за градоначалникот на Крива Паланка е срамен обид за притисок и дел од црна кампања против успешни кадри на СДСМ“, истакна Димитријевиќ, додавајќи дека станува збор за политички прогон затоа што ВМРО-ДПМНЕ знае дека не може да победи во таа општина.

Според него, ова не е изолиран случај, туку дел од поширока стратегија на властите за притисоци во сите општини раководени од СДСМ. „Се вршат инспекции, се измислуваат прекршоци, додека во општините на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН сè се премолчува“, рече тој.

Посебно го нападна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кого го обвини дека „го брани криминалот на Висар Ганиу тежок 225 милиони евра, додека спроведува терор над чесни градоначалници“.

„Ова е директен удар врз демократијата, правната држава и слободата. Тошковски треба да се срами што МВР го претвора во партиска алатка“, рече Димитријевиќ, додавајќи дека со овие методи ВМРО-ДПМНЕ „уништува семејства и гази по законите затоа што знае дека ќе биде поразена на изборите“.

На крајот, упати порака до членството на СДСМ:

„Ова сме го преживеале и претходно. Со чесна работа и истрајност ќе победиме. Време е да се спротиставиме со цела сила – со факти, вистина и борба против режимските практики“, порача Димитријевиќ, најавувајќи продолжување на активностите за разобличување, како што рече, на „власта што го продолжува патот на Груевски“.