Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на панел-дискусија во Дејтон, Охајо, по повод 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор. Во своето обраќање, Муцунски истакна дека наследството на договорот нè потсетува дека дипломатијата, поддржана со единство и решителност, може да ги сопре куршумите и да започне обнова на човечки животи.
„Мирот не е крајна дестинација – тој е дисциплина, процес и одговорност која мора постојано да се негува, брани и обновува пред новите безбедносни закани,“ нагласи Муцунски.
Тој ја потенцираше важната улога на САД во процесот на постигнување на договорот и истакна дека водството на Америка не е само добредојдено, туку и незаменливо. „Кога САД преземаат иницијатива, Алијансата стои посилна,“ додаде министерот.
Муцунски исто така го нагласи придонесот на Северна Македонија во зачувувањето на регионалната стабилност и нејзиното активно учество во НАТО Алијансата. „Ние активно придонесуваме во Алијансата и чекориме заедно напред. За нас, НАТО не е само безбедносна структура – тоа е морален компас,“ заклучи тој.