Директорката на гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска, денеска го прими решението за разрешување од градоначалникот Никола Најдовски и најави дека ќе го обжали. Нејзиниот адвокат, Жаре Стеваноски, ќе поднесе барање до Основното јавно обвинителство во Битола за враќање на училишните печати.
Стеваноски тврди дека разрешувањето е незаконско, бидејќи според член 8-а од Изборниот законик, сите постапки за именување и разрешување функционери се запрени. Тој очекува печатите да бидат вратени за да може непречено да се одвива наставно-образовниот процес и подготовките за новата учебна година.
Градоначалникот Никола Најдовски ја разреши Лозановска на 6 август и на нејзино место ја назначи Јамина Дамчевска. Поради боледување, Лозановска не го прими решението веднаш. Откако новата директорка не ги пронајде печатите, полицијата изврши претрес во домот на Лозановска и во просториите на училиштето.
За време на акцијата, полицискиот началник инсистирал Лозановска да биде спроведена на информативен разговор, иако била на носилка. МВР ова го оцени како непрофесионално и најави негово разрешување. Лозановска сепак ги предаде печатите на полицијата, а сега бара тие да ѝ бидат вратени.