Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против А.П. (68) од Битола и М.Д. (60) од Ресен, поради сериозни злоупотреби во Јавната здравствена установа – Специјализирана болница Отешево.
Според пријавата, А.П., како директор на установата, во 2022 и 2023 година склучила три договори на дело со едно лице од Ресен, од кои само два се потпишани лично од неа, а третиот бил потпишан од трето лице. Иако договорите биле за градежни активности, лицето никогаш не било физички присутно ниту ангажирано во болницата.
Покрај тоа, А.П. со злоупотреба на службен токен потпишувала и одобрувала налози за исплата од жиро сметката на болницата, при што биле исплатени вкупно 145.904 денари – средства со кои директно била оштетена државната каса, односно Министерството за здравство.
Правничката М.Д., пак, како советник за човечки ресурси, без знаење и согласност од лицето чии податоци биле злоупотребени, изготвила фиктивни договори и искористила лични податоци и трансакциска сметка за исплата на средства за непостоечки услуги. На тој начин и таа соучествувала во штета од 145.904 денари за здравствената установа.
Случајот е во рацете на надлежните институции, а јавноста очекува одговорност за злоупотребата на јавните средства.