Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Јанев, предводеше делегација на МВР на Европската конвенција на шефови на полиции (EPCC), која се одржа во седиштето на Европол во Хаг. Конвенцијата, организирана од Европол и Данска, ги обединува полициските лидери од ЕУ и партнерските држави.
Директорот Јанев истакна дека на билатералните средби со раководството на Европол го потврдил континуираниот развој на соработката, со посебен акцент на заедничките оперативни активности, размена на информации и јакнење на капацитетите за борба против организираниот криминал, сајбер-криминалот и трговијата со дрога. Разговарано е и за нови обуки и заеднички проекти.
Јанев ги потенцираше и трите приоритети на кои ќе се фокусира македонската полиција во наредниот период:
- Борба против организираните криминални групи на регионално и меѓународно ниво.
- Реорганизација на полициските служби за поефикасно користење на капацитетите и зголемена безбедност на граѓаните.
- Модернизација на полициското работење преку дигитализација и примена на иновативни методи во справувањето со сериозниот и организиран криминал.
Со учеството на EPCC, Македонија уште еднаш ја потврди својата определба да биде активен и доверлив партнер во европската безбедносна мрежа.