Директорот на БЈБ Јанев: Нема да дозволиме насилството да го наруши мирот во Тетово

​Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска оствари средба со раководството на СВР Тетово по вчерашниот вооружен инцидент во кој едно лице го загуби животот, а четири беа повредени. Јанев нагласи дека полицијата е целосно мобилизирана и посветена на воспоставување на безбедноста.

​„Нема да дозволиме стравот и насилството на поединци да ја нарушат секојдневната сигурност и мирот во заедницата“, изјави Јанев. Тој им порача на сторителите дека ќе бидат пронајдени, изведени пред лицето на правдата и санкционирани, нагласувајќи дека се ставени во функција сите потребни служби за фаќање на сите инволвирани во инцидентот.

​Директорот апелираше до граѓаните на Тетово и на целата држава да соработуваат со полицијата и да пријавуваат информации.

​„Само заедно можеме да се спротивставиме на поединците и групите кои не споделуваат исти вредности со нас чесните“, додаде тој, заклучувајќи дека Македонија заслужува мир и спокој.