Додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се претставува како опозиција, иако веќе четири години управува со најголем дел од локалната власт и втора година е на централно ниво, земјата се соочува со сериозни катастрофи – половина Македонија е зафатена од пожари.
„Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочи со сопствената неспособност, бега од одговорност и вината се обидува да ја префрли на СДСМ“, велат од Социјалдемократскиот сојуз.
Од СДСМ потсетуваат на пасивноста на власта и прашуваат каде е портпаролот Наум Стоилковски, кој некогаш известуваше од терен за секој пожар.
„Можеби сега треба да излезе и да обвини некој друг, но факт е дека сега неговата партија е удобно сместена на власт“, истакнуваат од партијата.
Особено алармантно е, според СДСМ, што човекот кој, според ВМРО-ДПМНЕ, ја уништил противпожарната заштита – Стојанче Ангелов – е сега во нивна коалиција и поставен од Христијан Мицкоски како директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Дополнително, му е зголемена платата за 30%, со потпис токму од Мицкоски.
„Во мандатот на Стојанче Ангелов, изгоре површина колку што нема изгорено во последниве три децении“, велат од СДСМ.
Партијата остро ги отфрла „смешните обвинувања“ од ВМРО-ДПМНЕ и ги повикува веднаш јавно да ги објават имињата на наводните подметнувачи на пожари. Секое избегнување на таа обврска, велат од СДСМ, ќе го сметаат за соучесништво и дел од сценарио за одвлекување на вниманието од неспособноста на актуелната власт.