Додик најави референдум: Народот да одлучи дали ја прифаќа пресудата против него

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, најави одржување на референдум за неговата функција, откако Централната изборна комисија на БиХ му го одзеде мандатот, по конечната пресуда со која е осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење јавна функција.

По состанокот со коалициските партнери, Додик изјави дека едногласно е одлучено да продолжат да ја бранат „уставната позиција и позицијата на Република Српска“. Тој повторно го оспори легитимитетот на високиот претставник Кристијан Шмит, тврдејќи дека не е назначен со одобрение од Советот за безбедност и дека ги прекршил одредбите од Дејтонскиот договор.

„Мандатот ми го даде народот, па затоа ќе го сослушам на референдумот. Тој ќе одлучи за мене,“ изјави Додик, најавувајќи дека Народното собрание на РС ќе гласа за распишување на референдумот во петок.

Според информациите на Klix.ba, на референдумот граѓаните ќе бидат прашани дали ја отфрлаат второстепената пресуда на Апелациониот оддел на Судот на БиХ против Додик. Овој потег се оценува како директна конфронтација со државните институции на БиХ и дополнително ја продлабочува политичката криза во земјата.