​Докторот Ненад Цоневски обвинет во Софија за суровост кон животно

Окружното обвинителство на Софија покрена обвинение против докторот Ненад Цоневски за намерно сурово однесување кон животно, дело кое е казниво според бугарскиот Кривичен законик. Обвинението доаѓа откако Цоневски, поранешен специјалист на Воено-медицинската академија (ВМА), беше снимен како го прегазува кучето Маја во Софија, кое потоа мораше да биде евтаназирано.

​Инцидентот предизвика силна јавна реакција. Денеска, во 16:30 часот, пред централниот влез на ВМА во Софија ќе се одржи протест под слоганот „Правда за Маја“, со цел борба против суровоста кон животните и поддршка на построги законски санкции.

​Раководството на Воено-медицинската академија, каде што Цоневски работел, претходно оваа недела објави дека докторот е привремено суспендиран од својата позиција додека случајот целосно не се расветли.

​Бугарските медиуми вчера објавија дека докторот Цоневски ја напуштил Бугарија и се вратил во Северна Македонија.

​„Специјалистот по торакална хирургија, д-р Ненад Цоневски, кој беше снимен на 9 ноември како го прегазува кучето Маја… се врати кај своите родители во неговиот роден град Делчево, Северна Македонија“, објави весникот „Телеграф“.

​Пред да ја напушти Бугарија, докторот бил испрашуван во полициска станица, по што бил ослободен.