Демократската обнова на Македонија (ДОМ) реагира на усвојувањето на ребалансот на Буџетот за 2025 година, со кој трансферите кон невладиниот сектор се зголемени од 26,7 на 34,4 милиони евра, додека, како што велат, во исто време недостига политичка волја за измена на Изборниот законик кој би овозможил учество на независни кандидати на претстојните локални избори.
Од партијата посочуваат дека поддршката за граѓанскиот сектор е важна и неопходна, но добива политичка димензија кога се користи како параван зад кој се прикрива отсуството на партиципативна демократија. Според нив, додека се зголемуваат средствата за невладините организации, граѓаните се системски оневозможени да се вклучат како независни политички субјекти.
ДОМ поставува и прашања за транспарентноста и надзорот врз распределбата на средствата, зголемени за 30% на само неколку недели пред распишувањето на локалните избори, прашувајќи се дали веќе се знае кои организации ќе ги добијат тие средства.
Партијата уште еднаш упати јавно барање итно да се започне постапка за измена на Изборниот законик, со цел обезбедување еднакви услови за сите учесници во изборниот процес. Според нив, доколку не се направат суштински промени, партиите повторно ќе делуваат преку сопствени прокси политички субјекти, унапредувајќи интереси кои веќе се насочени.