Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се чувствува „многу лошо“ поради израелскиот напад во Доха, нагласувајќи дека го смета Катар за „силен сојузник и пријател“ на Соединетите Американски Држави.
Трамп, во објава, напиша дека сака сите заложници и телата на загинатите да бидат веднаш ослободени и војната да заврши. Тој додаде дека разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој му кажал дека сака мир.
„Верувам дека овој несреќен инцидент може да послужи како можност за МИР“, напиша Трамп.
Тој исто така разговарал и со емирот и премиерот на Катар, заблагодарувајќи им се за нивната поддршка и пријателство кон САД.
„Ги уверив дека нешто вакво нема да се случи повторно на нивна почва“, рече Трамп и додаде дека му наложил на американскиот државен секретар Марко Рубио да го финализира „Договорот за соработка во одбраната“ со Катар.
Нападот не им служи на целите на Америка
Трамп потенцираше дека одлуката за нападот ја донел Нетанјаху, а не тој. Според него, „бомбардирањето на суверена нација и близок американски сојузник… не им служи на целите на Израел или Америка“. Сепак, тој додаде дека „елиминирањето на Хамас… е достојна цел“.
На социјалната мрежа „Truth“, Трамп објави дека американската војска ја информирала неговата администрација за израелскиот план за напад утрото пред да се случи, но дека било предоцна да се спречи.