Донарума пред трансфер во Манчестер Сити

​Еден од најдобрите голмани во светот, Џанлуиџи Донарума (26), е на чекор од преселба во Манчестер Сити, објави францускиот весник „Лекип“. Според нив, италијанскиот голман веќе ги договорил условите за личниот договор со „Граѓаните“.

​Донарума, чиј договор со ПСЖ истекува за 11 месеци, пристигна во Париз пред четири години како слободен играч од Милан. Сега, ПСЖ бара обештетување од 50 милиони евра, а единствено што останува е клубовите да се договорат за сумата.

​И покрај тоа што Донарума беше еден од клучните играчи на ПСЖ, особено во борбата за трофејот во Лигата на шампионите минатата сезона, раководството на клубот веќе го пронајде неговиот наследник. Тоа е Лукас Шевалие од Лил, за кого ќе бидат платени 55 милиони евра.

​Одлуката на ПСЖ да се откаже од Донарума е шокантна за многумина, особено откако голманот беше отстранет од составот за финалето на УЕФА Суперкупот против Тотенхем.