Драган Анастасов: Пробиштип е лидер во државата по грижата за граѓаните – „Парите назад“ е нашата визија!

Градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов, влегува во новата изборна трка со силен фокус на социјалната заштита и веќе реализираните капитални проекти. Во ова интервју, тој ги отвора картите за тоа што го сменило ликот на градот во изминатите мандати, како ја гради довербата со граѓаните и кои „ситни“ мерки директно го олесниле животот на пробиштипјани. Анастасов најавува и амбициозни нови социјални политики, тврдејќи дека Пробиштип е лидер во државата по грижата за сите категории граѓани.

Разговараше: Виктор Азманоски


Азманоски: Во изминатиот мандат Пробиштип забележа значителни инфраструктурни подобрувања. Кој капитален проект сметате дека најмногу го смени ликот на градот и околните населени места, и кој беше клучот за успешното завршување на таа голема инвестиција?

Анастасов: Не би сакал да издвојувам некој проект, бидејќи Општина Пробиштип во повеќе сфери реализираше капитални инфраструктурни проекти кои имаат позитивно влијание на општественото и културно живеење во нашата општина. Инвестиравме во спортската инфраструктура со изградба на игралишта со повеќе содржини, започнавме со уредување на градскиот стадион на кој претходно поставивме тартан-патека по сите стандарди, целосно ја реконструиравме кино-салата „Рудар“ и после деценија ја ставивме повторно во функција на граѓаните, го изградивме и отворивме првиот Научно-туристички музеј за ретки минерали во државата. Но, работевме многу и за подобрување на патната инфраструктура, како на регионалните патишта кои ја поврзуваат нашата општина со останатите градови, така и за реконструкција и изградба на локални улици и патишта, со што создаваме услови за побезбеден сообраќај, но и за зголемен економски раст и развој. Во делот на детската заштита, во мојот осумгодишен мандат го зголемивме капацитетот на градинките со доградба и преадаптација на два објекти при детската градинка, ги променивме кровот и прозорците на градинката во Злетово и целосно го променивме системот на греење, но и значително ги подобривме условите на постоечките капацитети со енергетска ефикасност. После 50 години целосно ја обновивме и централната кујна која ги опслужува сите објекти на градинката во Пробиштип.

Азманоски: Вие сте познат по Вашиот директен пристап и отвореноста за комуникација со граѓаните. Како успеавте да изградите таков близок и ефикасен однос со локалната заедница, и на кој начин тоа Ви помогна во донесувањето на најдобрите одлуки за Општината?

Анастасов: Јас сум градоначалник кој својот однос со граѓаните го има изградено уште пред да почнам да ја извршувам функцијата. Работев на работни места кои секогаш беа блиску и непосредно со граѓаните, но клучно за мене можеби е и мојот карактер. Секогаш сум отворен за разговор и се трудам да помогнам кога тоа е во рамки на моите можности. Не постои граѓанин кој побарал средба со мене, а да не бил примен. Дали на средба, дали преку телефон, секогаш сум бил и ќе бидам достапен за граѓаните, за какви било барања и сугестии. И сметам дека токму ова, некако условно кажано, ги ослободи граѓаните, па така и создадовме отворен однос, за да се слушне сечиј глас и сечие барање.

Азманоски: Најголемите успеси често доаѓаат преку добра соработка. Како успеавте да обезбедите средства за проекти преку меѓународна соработка и користење на ЕУ фондови? Која странска инвестиција или партнерство го сметате за најголем дипломатски успех на Вашата администрација?

Анастасов: Обезбедувањето на средства од други фондови настрана од општинскиот буџет сметам дека е умешност во преговорите и менаџирањето на градоначалникот и секако општинската администрација. Јас сум задоволен што имам тим кој ми беше силна поддршка во работењето изминативе години, па така по пат на донации успеавме да реализираме најголем дел од проектите. Овде би сакал да го издвојам проектот за Надградба на филтер-станицата за вода за пиење во Општина Пробиштип. За овој проект успеавме да обезбедиме целосна донација од 1,2 милиони евра: 600 илјади евра од Република Словенија преку Центарот за меѓународна соработка и развој и 600 илјади евра преку Владата на Република Северна Македонија, со што успеавме без ниту еден денар од општинскиот буџет да го реализираме овој проект кој е од витално значење за општината.

Азманоски: Вие постојано инвестирате во младината и спортската инфраструктура. Која е најголемата придобивка за младите од изградбата на новите спортски објекти и терени? Како оваа стратегија на вложување во спортот придонесува за создавање здрава и позитивна клима во Пробиштип?

Анастасов: Вистина е дека вложивме во спортската инфраструктура и тоа е видливо на терен, но она што мене како градоначалник ме радува е кога ќе видиме дека овие терени се користат и навистина се спортува или рекреира. Таков е примерот со градскиот стадион, но и со останатите игралишта низ општината. Ние како Општина Пробиштип, покрај спортската инфраструктура, многу вложивме и во поддршка на спортските клубови. Во програмата за спорт секоја година континуирано се зголемуваат овие средства. Ја поддржуваме и младинската фудбалска школа „Рудар“, којашто целосно е под покровителство на општината, со цел да дадеме поттик и мотив за развој на спортот. Организираме и Спортска вечер, каде доделуваме признанија и вредносни ваучери за успесите на нашите сограѓани на спортски план, организираме турнири во повеќе спортови и максимално поддржуваме сѐ што е во рамки на општината за развој на спортот.

Азманоски: Гледајќи напред, која е Вашата најголема визија за Пробиштип во наредните четири години? Која најхрабра идеја од Вашата програма ќе го позиционира Пробиштип како модерна и просперитетна општина во Источна Македонија?

Анастасов: Нашата програма за овие локални избори содржи проекти креирани врз основа на реалните потреби на граѓаните. Имаме повеќе капитални проекти. Еден од најважните за нас и главен приоритет ќе биде целосно субвенционирање на крововите и фасадите на сите згради за колективно домување, со што ќе го смениме ликот на Пробиштип. Во првите месеци започнуваме со преадаптација на простор за детска градинка во населба Пробиштип со капацитет од 40 дечиња, но она на што ние ставивме акцент изминативе години, а сега го надоградуваме и дополнуваме е Програмата за социјална и детска заштита, или како што ние најмногу милуваме да кажеме: „Ги враќаме парите назад кај граѓаните“. Во новата програма ги зголемуваме средствата за субвенционирање и поддршка на граѓаните, како од социјален ризик, така и на сите останати категории, а наша цел е да создадеме еднакви можности за сите. Слободно можам да кажам дека во овој дел сме лидер-општина во државата. Новитети покрај старите мерки се поддршката за новороденче која досега беше еднократна парична помош. Сега, поддршката ќе биде 10.000 денари за прво дете, 20.000 денари за второ дете, три месеци по 30.000 денари за трето дете и 12 месеци по 30.000 денари за четврто дете. Сите полуматуранти од нашите училишта ќе добијат можност за бесплатен седумдневен летен одмор, а матурантите добиваат бесплатна екскурзија низ Европа. Пензионерите ги опфаќаме со ваучери (150 годишно) од по 20.000 денари за бањско лекување. Има и низа други мерки за субвенционирање, сѐ на сѐ – Парите назад за граѓаните!

Азманоски: Покрај големата инфраструктура, граѓаните го чувствуваат квалитетот на живот преку ситници. Кои секојдневни услуги или мали проекти ги подобривте, а кои директно го олеснија животот на семејствата и пензионерите во Општината?

Анастасов: Она што за некого е ситница, за друг е од големо значење; некогаш најмалото внимание има најголем импакт кај граѓаните. Овде би ги спомнал јавните повици за субвенционирање на инвертер-клими, сончеви колектори и велосипеди кои Општината ги воведе во рамки на програмата за намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Воведовме бесплатен линиски превоз од руралните средини до градот и со овој проект не само што нудиме еднакви можности за овие жители, но и значително им го олеснуваме функционирањето и завршувањето на сопствените обврски. Би ги набројал и бесплатните униформи за сите ученици од основното образование, бесплатниот оброк за учениците до петто одделение, ваучерот од 3.000 денари за секое прваче, стипендија од 3.000 денари за сите запишани средношколци во прва година во Пробиштип, бесплатна градинка за семејства од социјален ризик, еднократна парична помош за лицата од социјален ризик и попреченост од 20.000 денари, која сега ја зајакнуваме на 30.000 денари годишно и низа други мерки, кои значително и директно се во корист на граѓаните.

Азманоски: Вашата енергија и посветеност на работата се очигледни. Што Ве мотивира да продолжите со овој интензитет и како ја одржувате таа позитивна атмосфера во тимот на општинската администрација, што е толку важна за постигнување резултати?

Анастасов: Мојот мотив и мојата енергија се моите сограѓани, и единствено од нив ја црпам целата мотивација за моето досегашно работење, но и за третата кандидатура. Она што ми дава поттик е процентот на реализација на програмите – она што сме го ветиле пред граѓаните во најголем дел сме го исполниле. Клучно за одржување на позитивна атмосфера во тимот и администрацијата пред сѐ е меѓусебната почит, тоа е основа за создавање пријатна и продуктивна работна средина. И секако љубовта кон мојот град и моите сограѓани. Јас мојот живот и моето детство го минав во Пробиштип, дел од моите најпродуктивни години ги вложив во Општината, а сметам дека можам да допринесам уште за мојот град и моите сограѓани. Нашата општина да ја направиме уште поубаво место за живеење за сите нас! Пробиштип е и ќе остане за сите!