Брзата интервенција на полициските службеници од СВР Тетово спречи трагедија во мотел во градот, каде што млада девојка се обидела да си го одземе животот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, денеска околу 14:35 часот била примена пријава од лицето Л.К., кое пријавило недоразбирање со женско лице што одбивало да го напушти мотелот. По пристигнувањето на терен, полициските службеници затекнале млада девојка на работ од прозорецот од мотелската соба, која се заканувала дека ќе скокне или ќе се самоповреди со остар предмет што го држела во раката.
По наредба на јавен обвинител, полицијата ја отворила вратата со сила и успеала навремено да ја спречи трагедијата. Девојката веднаш била пренесена во Клиничката болница во Тетово, каде ѝ е укажана лекарска помош. Во текот на интервенцијата, еден полициски службеник се здобил со полесни повреди.
Истовремено, лицето Л.К. е приведено под сомнение за посредување при вршење проституција. Од МВР информираат дека се работи на целосно расчистување на случајот, а по завршувањето на истрагата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.