И оваа година државниот врв ќе го одбележи големиот национален празник Илинден на три локации, следејќи ја традицијата на чествување на двата Илиндена, Крушевскиот од 1903 и АСНОМ-скиот од 1944 година.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе присуствува на централната манифестација на Мечкин Камен во Крушево, симболот на Крушевската Република. Премиерот Христијан Мицкоски ќе положи свежо цвеќе и ќе се обрати по повод празникот на свеченоста во Скопје.
Поради здравствени причини, претседателот на Собранието Африм Гаши нема да биде дел од чествувањата, а собраниската делегација ќе ја предводи потпретседателката Весна Бендевска, која ќе оддаде почит на Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце.
Илинден останува симбол на македонската борба за слобода, државност и достоинство.