ДУИ алармира: Новиот закон ја укинува правичната застапеност – Балансерот мора да остане!

Демократската унија за интеграција (ДУИ) жестоко реагираше на предложениот нацрт-закон за правична застапеност, оценувајќи дека истиот претставува обид да се укине „Балансерот“ – еден од клучните инструменти за гарантирање на еднаква застапеност на етничките заедници во јавната администрација.

„Ова е уставна обврска што се претвора во административна фарса. Се демонтира еден од најважните столбови на Охридскиот рамковен договор. За Албанците, овој закон е штетен“, порачуваат од партијата.

ДУИ остро ја критикува намерата Балансерот да се замени со „координативно тело“ и годишни извештаи – механизми кои, според нив, се нејасни, неефикасни и немаат правна сила за да го обезбедат почитувањето на принципот на еднаква застапеност.

„Ќе се создаде политичка неправда и институционална етничка доминација. Прецизниот и транспарентен калкулатор се заменува со бирократски процедури без суштински ефект“, додаваат од ДУИ, најавувајќи дека нема да запрат додека Балансерот не биде вратен како единствен легитимен механизам за заштита на правата на етничките заедници.