ДУИ бара предвремени избори поради „моноетничката влада“

ДУИ утрово излезе со соопштение во кое тврди дека владата предводена од Христијан Мицкоски не успева да ја одржи функционалноста на меѓуетничката демократија, која ја сметаат за главен столб на долгорочната стабилност на државата. Според ДУИ, откако уште еден албански партнер ја напуштил владината коалиција, политичкото мнозинство, кое според нив нема етнички легитимитет, се трансформирало во моноетничка влада.

„Предупредувавме за ова уште на почетокот на создавањето на ова парламентарно мнозинство, бидејќи тоа беше изградено врз монструозна амбиција да се дисциплинира цел конститутивен народ и, според нивните зборови, ‘да им се покаже местото на Албанците’“, истакнуваат од опозициската партија. Тие додаваат дека е загрижувачки што премиерот, наместо да ги признае неуспесите, најавува уште поостра кампања за зачувување на континуитетот на оваа, според нив, моноетничка влада.

Од ДУИ велат дека наместо да се прифати реалноста за барањето на граѓаните за предвремени избори, се демонстрира ароганција и агресивност преку уцени, инсценирање и поткуп. Тие тврдат дека владини претставници јавно упатуваат закани кон критичарите на премиерот, додека зад сцената се одвиваат уцени кон пратеници, функционери и администрација од немнозинските заедници, со цел да се обезбеди лажна мултиетничка поддршка за владата.

Партијата на Али Ахмети смета дека овие обиди за легитимитет ќе пропаднат и ќе остават длабоки последици врз меѓуетничките односи.

„Секој ден кога оваа Влада ги отфрла барањата на Албанците е уште еден ден во отстранувањето на Албанците од државните процеси. Ова парламентарно мнозинство не успеа во клучните стратешки интереси на државата и затоа се распаѓа. Време е легитимитетот на политичките претставници да се преиспита преку предвремени парламентарни избори“, заклучува ДУИ.