Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска остро реагираше на информациите за наводен состанок што се случил во февруари 2025 година во кабинетот на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Според ДУИ, на средбата, во присуство на заменик-премиерот Стоилковиќ, се сретнале Изет Меџити и Александар Вулин за да координираат голем српски инвестициски проект во „Битолска банка“.
Од ДУИ порачаа дека ако овие информации се точни, јавноста мора веднаш да биде информирана за содржината и мотивите на состанокот, бидејќи секое прикривање е „директен удар врз демократијата“ и го загрозува државниот интегритет.
„Секој таен договор носи ризик од политичка зависност“
Партијата повикува на итни појаснувања од Димитриевски, Стоилковиќ и Меџити.
„Граѓаните заслужуваат јасни и навремени одговори! Секој таен договор кој вклучува странски финансиски интереси носи ризик од политичка зависност и влијание! Македонија не смее да биде заложник на сенки и непроѕирни договори!“, порачаа од ДУИ.
На крајот, ДУИ ја нагласи својата заложба за отвореност и демократска одговорност, ветувајќи дека ќе инсистираат на целосна транспарентност и ќе ја бранат јавната доверба.