Политичката партија ДУИ денеска излезе со соопштение во кое ги истакнува своите достигнувања додека била дел од власта, критикувајќи ја актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН.
Од ДУИ нагласуваат дека за време на нивното владеење, земјата станала членка на НАТО, ги започнала преговорите со Европската Унија, го воспоставила стратешкиот дијалог со САД, и ја предводела ОБСЕ за време на руската агресија врз Украина.
Според партијата, актуелната влада на Христијан Мицкоски донела поинаква реалност:
Ги блокирала преговорите со Европската Унија.
Избрала стратешко партнерство со Унгарија наместо со САД и ЕУ.
Наместо европски грантови, дава приоритет на кинески кредити преку Унгарија.
Наместо европска интеграција, зборува за заеднички пазар со Србија и Унгарија.
ДУИ тврди дека оваа политика ја поврзува Македонија со „Српскиот свет“, а преку него и со „Рускиот свет“. Како доказ за оваа опасна ориентација, од партијата го наведуваат гласањето на 461 европратеник кои усвоиле извештај што ја констатира оваа состојба.
„Граѓаните секојдневно гледаат како ‘српскиот свет’ продира во секој општествен и институционален сегмент“, се вели во соопштението на ДУИ. Партијата порача дека ќе продолжи да стои наспроти тоа, бранејќи ја евроатлантската ориентација на државата.