ДУИ: Владата со антиуставна одлука ги намалува правата на Албанците

Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на, како што ја нарекува, „дискриминаторската и антиуставна одлука“ на Владата за намалување на бројот на општински советници, со која директно се погодени општини со значително албанско население.

Според соопштението од партијата, Владата уште во првата недела од својот мандат спровела незаконска и неуставна промена на методологијата за утврдување на процентот на населението, со исклучување на т.н. „нерезиденти“, што во практика значи исклучување на дијаспората од пописната рамка.

„Како резултат на тоа, процентот на Албанците беше вештачки намален од 29,5% (според Пописот 2021) на 24,3%, што е дури и пониско од пописот во 2002 година, кога беа 25,17%“, се наведува во реакцијата на ДУИ.

Според партијата, овие нови пресметки веднаш биле применети преку формулата на балансерот, а потоа и во распределбата на бројот на советници во над 20 општини. Ова, како што посочуваат, претставува директно кршење на член 34 од Законот за локална самоуправа, кој налага бројот на советници да се утврдува врз основа на бројот на жители, без оглед на нивниот резидентен статус.

ДУИ посочува дека веќе има одлука од Уставниот суд која им оди во прилог и со која се потврдува дека исклучувањето на нерезидентите е спротивно на Уставот и принципите на еднаквост.

Сепак, Владата сè уште не презела конкретни чекори за укинување на оваа дискриминаторска одлука и за враќање на легитимните права на општините“, предупредуваат од партијата на Ахмети.

ДУИ исто така додава дека обидите за вметнување на ваквата пракса во измени на Законот за локална самоуправа пропаднале поради недостиг на Бадинтерово мнозинство, но дека, и покрај тоа, политичката волја за наметнување на „неправда“ е очигледна.

Партијата бара Владата итно да ја укине оваа одлука и да го врати бројот на советници согласно реалните податоци од пописот, во согласност со законската рамка и уставната одлука.

„Сега е моментот да се дејствува за да се спречат сериозни последици врз легитимноста на претстојните локални избори. Доколку Владата не ја коригира оваа неправда, одговорноста ќе падне врз сите кои со молчење или поддршка ја легитимираат институционалната дискриминација против граѓаните и исклучувањето на дијаспората“, соопштува ДУИ.

Партијата најавува дека, доколку не следи корекција, ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за поништување на оваа одлука и за заштита на легитимните права на општините и на Албанците во земјава.