ДУИ обвинува за етничка дискриминација во ЦУК: Примаат Македонци, Албанците на маргина

Демократската унија за интеграција (ДУИ) жестоко реагираше на најновото вработување во Центарот за управување со кризи (ЦУК), каде, според партијата, од вкупно 15 новопримени лица, 12 се Македонци, а само 3 се Албанци.

„Иако институцијата ја води директор со албанска етничка припадност, очигледно е дека лојалноста му е насочена кон политиките на ВМРО-ДПМНЕ“, соопштија од партијата.

ДУИ смета дека ситуацијата е алармантна и дека се работи за системска дискриминација и политичка хипокризија, каде Албанците остануваат само „декорација“ во институциите.

„Кога раководството служи само како етничка шминка за да се прикрие реалната доминација на една етничка заедница, тоа не е јавна служба туку спроведување на туѓи политички агенди“, порачаа од партијата.

ДУИ потенцира дека нема да молчи додека, како што велат, се прават валкани зделки за власт во име на албанското претставување, додека Албанците и понатаму се маргинализирани дури и во институции кои „формално“ ги водат Албанци.

„Духот на Охридскиот договор не се исполнува со декоративни Албанци на раководни позиции, туку со вистинска еднаквост во резултатите, а не само во имињата“, се вели во реакцијата на ДУИ.

Партијата најави дека ќе остане гласот на Албанците и ќе се спротивстави на сите обиди за, како што велат, етничко исклучување под маската на мултиетничност.