Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на одлуката на Владата предводена од ВМРО–ВРЕДИ, која, според партијата, одбила да даде согласност за вработување на 155 медицински сестри во тетовската Клиничка болница. Според ДУИ, станува збор за професионалци кои со години им служеле на граѓаните, а меѓу нив има мајки, семејни столбови и здравствени работници кои биле во првите редови за време на пандемијата.
„Ова не е само политички мотивирана и неправедна одлука, туку и чин кој содржи отворени елементи на етничка и родова дискриминација“, се наведува во реакцијата на партијата. ДУИ предупредува дека со вакви потези се урива довербата во институциите и се враќа логиката на исклучување од минатото, несоодветна за земја која тежнее кон членство во Европската Унија.
„Неприфатливо е со еден потпис да бидат избришани 155 животи и кариери, без чувство за одговорност и социјална реалност“, велат од партијата, барајќи итно повлекување на одлуката и вработување на сите медицински сестри со постојан договор.