Демократската унија за интеграција (ДУИ) со остра реакција на сметка на коалицијата „Вреди“, обвинувајќи дека таа е политички конструирана од ВМРО-ДПМНЕ со луѓе кои се „уценливи и под контрола“ преку активни предмети во обвинителството.
„Откривањето на незаконските активности на раководството на ’Вреди’, дел од таканаречениот ’урбан криминал’, само го потврдува предупредувањето – нивниот избор беше токму поради нивната уценливост“, наведуваат од ДУИ.
Како пример го посочуваат случајот со Општина Чаир, каде што, според нив, се изградени над 150 дивоградби без дозволи, без основни безбедносни стандарди и без институционален надзор, што го квалификуваат како „сериозна закана и политички притисок“.
ДУИ предупредува дека Албанците нема да прифатат, како што велат, „фарса од претставување“ каде нивниот глас го заменуваат луѓе покорени од страв од кривична одговорност. Партијата тврди дека целта е демонтажа на Охридскиот договор и оддалечување од европскиот пат.
„Ова е осмислен обид за нарушување на меѓуетничката еднаквост и поткопување на стратешките цели на државата“, порачуваат од ДУИ.