Д-р Трајановски најави субвенции за инвертери и велосипеди во Аеродром: Загадувањето мора да е приоритет

Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, д-р Александар Трајановски, го постави решавањето на проблемот со загадувањето како врвен приоритет во неговата програма и најави директна финансиска поддршка за граѓаните. Во гостување на Сител телевизија, Трајановски истакна дека Општината мора активно да се вклучи во борбата против аерозагадувањето.

​„Општината мора да излезе со субвенции, да даде финансиска поддршка за набавка на инвертер клими, за велосипеди, за да се намали загадувањето. Јас како доктор знам колку е тоа штетно, колку е полна клиниката за Пулмологија,“ изјави д-р Трајановски.

​Кандидатот на СДСМ ги коментираше и секојдневните протести на граѓаните поради загадувањето кое доаѓа од локациите како Вардариште и Дрисла. Тој смета дека е недозволиво локалната самоуправа да не постапи и да не одговори на барањата на своите граѓани за помош и реакција.

​Трајановски нагласи дека неговиот пристап како лекар го прави особено свесен за катастрофалните последици по јавното здравје, што дополнително го обврзува да понуди конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во Аеродром.