Ева Ристовска, сестрата на трагично загинатата Теодора Ристовска од Тетово, остро реагираше по денешната судска пресуда со која напаѓачот на скопската градоначалничка Данела Арсовска доби казна затвор од две години.
Ристовска е револтирана бидејќи истата казна, две години затвор, му беше изречена и на Менсур Пајазити, возачот кој ја усмрти нејзината сестра на пешачки премин во Тетово.
„Како може тепање и убиство да имаат иста казна – две години затвор? Каде е правдата? Судство, правда или корупција – срам да ви е! Со вакви судии немаме ни суд, ни правда“, напиша Ристовска.
Семејството на Теодора веќе подолго време апелира дека казната за возачот е понижувачка и неправедна, а денешната пресуда само ја продлабочи нивната фрустрација и чувство на неправда.