Коалицијата „Европски фронт“ на претстојните локални избори на 19 октомври ќе настапи под ново име – „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ). Ова го објави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку својата фејсбук-страница.
Во објавата, Ахмети истакна дека Албанците се чувствуваат помалку почитувани од актуелната власт, која, според него, нема албански етнички легитимитет. Сепак, тој нагласи дека ДУИ никогаш не ја заборава европската дестинација.
„Денес е потребно единство, прво меѓу сите Албанци, кои треба да бидат заедно еден за друг, но и меѓу сите оние кои не се откажуваат лесно и кои веруваат дека во нашата земја можеме да изградиме подобра иднина за нашите деца“, порача Ахмети.
Тој заклучи со порака дека иднината на земјата е во интеграцијата во големото европско семејство, потенцирајќи дека само заедно можат да ја изградат иднината што ја заслужуваат.
Ребрендирањето доаѓа откако „Европскиот фронт“ го напуштија Демократската партија на Турците, која ќе настапи самостојно, и ДПА на Мендух Тачи, која одлучи да не учествува на локалните избори со листи за градоначалници и советници.