Тренерот на Њукасл, Еди Хау, искажа огромна почит кон Жозе Мурињо пред нивниот утрешен дуел против Бенфика во Лигата на шампионите (21:00 часот). Хау го опиша Мурињо, кој двапати ја има освоено Лигата на шампионите, како визионер и еден од најдобрите тренери во фудбалската историја.
На прес-конференцијата, Хау истакна дека Мурињо имал големо влијание врз неговата кариера и дека неизмерно го почитува.
„Тој е некој кого го почитувам неизмерно, играв против него и претходно во Премиер лигата. Кога бев млад менаџер, навистина се восхитував на она што го изгради во Челзи“, рече Хау.
Тренерот на Њукасл беше искрен во оценката, додавајќи дека Мурињо дефинитивно е визионер, некој што покажал како може да се прават работите на различни начини, а потоа го повторил успехот во различни клубови и во различни првенства.
„Навистина е неверојатно што сѐ постигнал во својата кариера“, додаде Хау.
Мурињо во минатото често се опишуваше себеси како „мала страчка“, алудирајќи на неговата врска со поранешниот менаџер на Њукасл, Сер Боби Робсон, чија „сенка“ беше во Спортинг, Порто и Барселона како преведувач и асистент. Португалецот низ годините секогаш зборувал со симпатии за Њукасл, што го потврди и пред овој натпревар, повторувајќи дека „го сака Њукасл“.