На денешната прес-конференција, Мирче Најдоски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ, жестоко ја нападна културната политика на ВМРО-ДПМНЕ по првата година од нивното владеење. Според него, наместо најавената „културна обнова“, Македонија добила „културен молк“, политизација и деградација на уметничкиот сектор.
„Ветуваа реформи, достоинство и грижа за уметниците. Реалноста е институции без визија, без поддршка и без дијалог,“ истакна Најдоски, обвинувајќи ја актуелната власт дека зад кулисите подготвува приватизација на културното наследство преку таканаречени јавни приватни партнерства.
Најдоски рече дека фолклорот, јазикот и книжевноста се сведени на сценографија за „патриотски декор“, додека уметниците се игнорирани или политизирани. Музеите се затворени или запоставени, театрите со кратени буџети, а младите креативци препуштени сами на себе.
Особено остри беа неговите критики за спојувањето на туризмот со културата во исто министерство, што според него не придонело за развој на уметноста, туку само за службени патувања и фотосесии на функционери.
„Од Венеција до Осака, културната дипломатија се сведе на шетање и селфиња, додека домашната култура остана без програма, без поддршка и без глас,“ порача Најдоски.
Тој истакна дека ниту една суштинска реформа не е започната – нема нови модели за финансирање, нема дигитализација, ниту поддршка за слободните уметници.
Најдоски повлече јасна линија меѓу културната политика на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: „За СДСМ, културата е жив организам, не сценографија за политичка пропаганда. Институциите под СДСМ работеа во континуитет, колективните договори се почитуваа, платите беа навремено обезбедени.“
СДСМ, според него, ќе продолжи да биде гласот на уметниците и културните работници, бранејќи ги нивните права и интереси. „Културата не е само симбол, туку суштински дел од демократијата и слободата,“ заклучи Најдоски.