Елизабета Зелениковска: Петровец повеќе нема да биде само „пристаниште“, туку точка каде започнува урбан живот во рурална средина

Општина Петровец, често перцепирана како транзитна зона помеѓу Скопје и Меѓународниот аеродром, се соочува со предизвикот да изгради сопствен идентитет и да обезбеди рамномерен развој. Кандидатката за градоначалничка од СДСМ, Елизабета Зелениковска, во интервју за нашиот медиум, ги открива своите планови за системски промени, адресирање на инфраструктурните слабости и стратегија за задржување на младите. Таа најавува воведување ред, отчетност и мобилна општина, фокусирана на транспарентност и интересот на граѓаните, а не на партиски или бизнис притисоци.

Азманоски: Петровец често се гледа како „пристаниште“ меѓу Скопје и аеродромот, но не и како самостојна општина со идентитет. Како планирате да го промените тој наратив и да изградите локален бренд?

Зелениковска: Петровец повеќе не е само пристаниште помеѓу Скопје и аеродромот, тој расте, се развива и добива своја форма и идентитет.

​Денес веќе имаме шест нови вселиви згради, што е знак дека растеме и дека луѓето веруваат дека тука може да се живее. Но, сега треба да градиме инфраструктура што ќе го следи тој раст. Сакам Петровец да стане општина со целосна инфраструктура, јавен превоз, зеленило и функционални јавни услуги, но и со душа – место каде природата, традицијата и современиот живот се спојуваат.

​Ќе го развиваме туризмот, со речниот и еко-туризмот, ќе го разбудиме локалниот дух и ќе создадеме нов бренд.

​Петровец повеќе нема да биде само пат меѓу две точки – Скопје и аеродромот, туку точката каде што започнува урбан живот во рурална средина!

Азманоски: Кои се трите најкрупни системски слабости во функционирањето на Општина Петровец што би ги адресирале во првите шест месеци од мандатот, без оглед на партиската структура во Советот?

Зелениковска: Во првите шест месеци нема да ветувам чуда, туку ред, отчетност и комуникација, трите темели без кои нема развој, без разлика кој е на власт.

  1. ​Немање систем за отчетност и транспарентност. Општината функционира по инерција, без јасен систем за следење на обврски, рокови и резултати. Во првите шест месеци ќе воведам внатрешен систем за отчетност и јавно објавување на одлуки, трошоци и тендери. Тоа ќе значи дека секој граѓанин ќе може да види каде оди секој денар и која фирма изведува работи. Ќе воспоставам јасна структура на одговорности, редовни состаноци по сектори и обука за дигитална комуникација и управување со предмети. Сакам општина што функционира како тим, а не како бирократска машина.
  2. ​Неповрзаност со населените места и отсуство на теренска комуникација. Одлуките да не се носат од канцеларија, без да се слушне реалниот глас на населените места. Моја визија е мобилна општина, ќе воведам „отворени денови“ по месни заедници, со теренски средби и јавен месечен извештај што се направило и што следува. Сакам општина што оди кај народот, не обратно.

Азманоски: Дел од населените места во Петровец имаат слаба инфраструктура и ограничен пристап до јавни услуги. Како ќе обезбедите рамномерен развој меѓу центарот и периферијата на општината?

Зелениковска: Свесна сум дека селата од периферијата најмногу ја чувствуваат изолацијата – нема редовен превоз, немаат чести сообраќајни линии и пристапот до градот, општината, здравствените институции за нив е тежок.

​Првиот чекор ќе биде нов возен ред и подобрена транспортна поврзаност – редовни линии до сите населени места, прилагодени на потребите на граѓаните, учениците и вработените.

​Местата од периферијата често имаат проблеми и со струјата, па така кога немаат струја и превоз до општината или градот, жителите имаат чувство дека не постојат за системот. Втор чекор е работа со енергетските оператори за обезбедување стабилно и сигурно електрично снабдување.

​Но, ќе работиме и на третиот чекор, а тоа е дигитализирана општина, за секој граѓанин да може од својот дом да поднесе барање, да добие информација без да патува. Сакам секое место во Петровец да се чувствува еднакво важно и достапно.

Азманоски: Во време на иселување на младите, што би била вашата прва конкретна мерка за задржување на младите во Петровец, надвор од класичните ветувања за „нови работни места“?

Зелениковска: Младите не заминуваат само затоа што нема работа, туку затоа што имаат чувство дека заедницата недоволно ги интегрира, недоволно ги слуша и недоволно ги вреднува. Немаат можност да се развиваат надпартиски и не можат да си го замислат животот тука. Затоа, првата мерка ќе биде да создадеме Младински совет на општината, тело преку кое младите директно ќе учествуваат во креирањето на локалните политики и проекти. Исто така, потребно е и формирање на општински младински културен центар – отворен простор каде младите ќе можат да се поврзуваат, да развиваат свои идеи, да пројавуваат иницијативи за настани од нивен интерес, да добијат поддршка за културни, спортски и еко-иницијативи.

​Сакам да им покажеме дека во Петровец може да се живее модерно, активно и достоинствено, дека тука има иднина што се гради заедно со нив, не без нив.

Азманоски: Доколку станете градоначалничка, како ќе се справите со притисоците од сопствената партија и локалните бизнис интереси во донесувањето одлуки?

Зелениковска: Мојот приоритет ќе биде интересот на граѓаните, а не на поединци или групи. Секој притисок, од било која партија или локални бизниси, ќе го мериме единствено преку критериумот дали и колку е тоа во најдобар интерес на општина Петровец и на луѓето што живеат овде.

​Ќе донесувам одлуки транспарентно, со јасни процедури и јавни консултации. Ќе работам со експерти, со Советот и со граѓаните, за да нема простор за тајни влијанија и лични интереси.

Азманоски: Како жена кандидат во традиционално машко политичко опкружување, чувствувате ли дека Петровец е подготвен за женско лидерство, и што ќе биде вашиот личен белег во тоа?

Зелениковска: Верувам дека Петровец е подготвен за женско лидерство. Луѓето овде чувствуваат потреба од искреност, еднакво внимание кон секој граѓанин и визија што го гледа секој агол, секој дел и секој предел на општината, а тоа не е прашање на пол, туку на способност, посветеност и љубов кон заедницата.

​Мојот личен белег ќе биде водство што спојува емоција и стратегија, лидерство кое слуша, ги вреднува идеите на луѓето, но презема и одлучни чекори за реални промени. Сакам Петровец да биде место каде што секој граѓанин се чувствува важен, а секоја добра идеја има свој пат до реализација.

Азманоски: Ако имате можност да ја дефинирате вашата визија за Петровец во една реченица што би стоела на влезниот билборд на општината, што би напишале?

Зелениковска: Добредојде во Петровец. Овде зборовите стануваат дела!