Еурофарм Пелистер го победи Вардар и го освои Супер купот

Ракометната екипа на Еурофарм Пелистер ја започна новата сезона 2025/2026 со освоен трофеј, откако вечерва во Кавадарци, во финалето на Супер купот, го совлада ривалот Вардар со резултат 28-27.

​Натпреварот беше исклучително неизвесен, а екипите наизменично ја држеа контролата. По почетната предност на Пелистер, Вардар направи серија од четири гола и поведе со 10-6. Сепак, битолчани успеаја да ја намалат разликата, па на полувреме заминаа со само еден гол негатива, 12-13.

​Во второто полувреме, Еурофарм Пелистер ја презеде иницијативата и во 38. минута поведе со 17-15. Во последните седум минути имаа предност од четири гола (26-22), но Вардар успеа да израмни на 27-27.

​Во последниот напад, одговорноста ја презеде ракометарот на Еурофарм Пелистер, Хосни, кој со својот осми гол на натпреварот му донесе триумф и трофеј на битолскиот тим. Хосни беше и најефикасен играч на натпреварот.

​За Еурофарм Пелистер ова е трет трофеј во Супер купот. Вардар има освоено четири, додека Алкалоид еднаш се радуваше на овој трофеј.