Европската Унија подготвува силен економски одговор кон Соединетите Американски Држави, откако преговорите за укинување на царините пропаднаа, а Вашингтон најави нови барања и зголемени давачки за европски производи.
Според информации на „Волстрит журнал“, администрацијата на Доналд Трамп бара воведување на основна царина од најмалку 15% за поголемиот дел од европскиот извоз во САД – потег што предизвикал остри реакции во Брисел и особено во Берлин, кој досега беше меѓу поумерените актери.
„Ако сакаат војна – ќе добијат војна“, изјавил висок германски функционер, посочувајќи дека, иако сѐ уште има простор за компромис, ЕУ нема да дозволи да биде ставена под економски диктат.
Членките на Унијата ѝ наложиле на Европската комисија да подготви контрамерки кои, доколку не се постигне договор до 1 август, ќе вклучуваат и пошироки трговски рестрикции – надвор од стандардните царини. Меѓу нив се разгледуваат дополнителни давачки за американски дигитални услуги, ограничувања за учество на американски компании во јавни набавки во ЕУ, како и царини на производи како авиони, путер од кикирики и виски.
Според дипломатски извори, ЕУ веќе има подготвени два пакета контра-мерки во вредност од над 100 милијарди долари, од кои вториот може брзо да се активира. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, потврди дека Комисијата „сѐ уште не ја активирала најсилната економска алатка на Унијата“, но предупреди дека ситуацијата може брзо да ескалира.
Од американска страна, оптимизам изрази министерот за трговија, Хауард Латник, кој за CBS изјави:
„Убеден сум дека ќе постигнеме договор. Тој ќе биде одличен за Америка, затоа што претседателот стои зад американскиот народ.“
ЕУ и САД имаат најголем билатерален трговски однос во светот – со дневна размена од над 5 милијарди долари. Но, најавите за потенцијална трговска војна го засенија досегашниот напредок во преговорите.
Рокот за постигнување договор истекува на 1 август. Брисел порачува: „Сите опции се на маса.“