ЕУ Судот ја прогласи Урсула фон дер Лајен за одговорна – „Фајзергејт“ го тресе Брисел

Судот на правдата на Европската Унија ја прогласи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за одговорна за прикривање информации поврзани со договорите за набавка на вакцини против Ковид-19 во периодот од 2021 до 2023 година.

Судот одлучуваше дали Европската комисија ги прекршила правилата за транспарентност со тоа што одби да ја објави содржината на телефонската кореспонденција на Фон дер Лајен со извршниот директор на Pfizer, Алберт Бурла, при преговорите за договор вреден милијарди евра за вакцини против Ковид-19.

Одлуката за „Фајзергејт“ би можела да предизвика длабоки последици врз начинот на кој највисоките функционери во ЕУ ги носат одлуките зад затворени врати. Покрај тоа, оваа пресуда може да фрли сенка врз вториот мандат на Фон дер Лајен како претседател на Европската комисија, кој започна пред неколку месеци.

Клучното прашање беше дали СМС-пораките треба да се сметаат за документи и да бидат достапни за јавноста во име на транспарентноста. Многу активисти постојано укажуваат дека ваквата комуникација треба да се третира исто како и секој друг официјален документ, особено кога се работи за клучни политички одлуки. Сепак, Комисијата имаше поинаков став.

Случајот е дополнително комплициран за Фон дер Лајен, бидејќи таа лично го потпиша најголемиот договор за вакцини во историјата на ЕУ, додека истовремено претседава со институцијата задолжена за спроведување на правото и транспарентноста во Унијата.

„Оваа судска одлука може да претставува пресвртница за транспарентноста во ЕУ. За клучните одлуки кои го засегаат јавното здравје, тајноста не смее да биде опција,“ изјави Шари Хиндс од „Транспаренси интернешнал“.

Случајот „Фајзергејт“ беше инициран од „Њујорк Тајмс“ и поранешниот шеф на бриселското биро на весникот. Тие поднесоа тужба против Комисијата поради одбивањето да ги објави СМС пораките во 2022 година.

Постоењето на пораките беше откриено во интервју за „Њујорк Тајмс“ во април 2021 година, што го отвори патот за целосна истрага и судска разрешница.