Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп ветила дека Европската Унија побрзо ќе престане да купува руска нафта и гас.
Фон дер Лајен на својот профил на „Х“ напиша дека Европската комисија наскоро ќе го претстави 19-тиот пакет санкции против Русија. Новиот пакет ќе биде насочен кон криптовалутите, банките и енергетскиот сектор.
Трамп завчера побара ЕУ прво да престане да купува руска нафта, пред САД да воведат санкции.
Фон дер Лајен истакна дека воената економија на Русија се финансира со приходите од фосилни горива и затоа Европската комисија ќе предложи забрзување на постепеното укинување на увозот на руски фосилни горива.
ЕУ веќе го забрани увозот на голем дел од руската нафта, намалувајќи го нејзиниот удел од 29% на почетокот на 2021 година на само 2% до средината на оваа година. Досегашниот план беше целосно да се престане со купување на руска нафта и гас до крајот на 2027 година, но сега Брисел цели кон порано постигнување на оваа цел.