Познатиот македонски пејач Ефто Пупиновски објави текст насловен „Господине Спасен, ни нема спас“, во кој остро ги критикува состојбите во македонската музичка фела и, пошироко, во општеството.
Пупиновски, кој на почетокот му се обраќа на пејачот на македонска народна музика Спасен Силјаноски, изјавува дека уште пред половина век укажувал на проблемите, но останувал сам. Тој тврди дека заради неговите залагања за фелата бил етикетиран како „незгоден“.
Според него, еден од клучните проблеми е „македонската проклетија“ – непочитување на сопствените вредности и неверување во сопствените способности. Пупиновски го осудува однесувањето на „патриотите“ кои, како што вели, се „полупијани, го веат македонското знаме, а во исто време свршуваат на српска шунд музика“.
Тој наведува дека големите македонски музички имиња како Јонче Христовски, Александар Сариевски и Никола Бадев умреле релативно сиромашни, додека „патриотите“ трошат многу пари на „шунд музика од север“.
Пупиновски ги критикува и градоначалниците како Јанчев, кои, според него, ја нудат музиката што нивните гласачи ја сакаат, без да водат сметка за националните интереси.
Втората причина за лошата состојба, според Пупиновски, е недостатокот на организација во фелата. Тој потенцира дека македонските музички уметници не постојат во ниту еден закон или подзаконски акт и немаат синдикат што ќе ги заштити нивните интереси. Како пример ја наведува ситуацијата кога на пејачи им беа откажани настапите во дијаспората под притисок на „квази патриоти“.
На крајот, Пупиновски заклучува дека нема спас сè додека не се промени „чипот во главата на македонскиот патриот“ – чипот на „македонска проклетија“.