Членот на Извршниот одбор на СДСМ и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, упати остра и иронична критика на сметка на Владата, откако податоците покажаа драматично ниска реализација на капиталните инвестиции во првата половина од 2025 година.
Во јавна објава, Жерновски ја обвини министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, за несериозни оправдувања поврзани со реализацијата на капиталните проекти, алудирајќи на нејзините претходни изјави дека студеното време било причина за лошите резултати во првиот квартал.
„Во занесот на мојата политичка наивност… длабоко ѝ поверував на министерката дека зимата е главниот виновник. Но, и летото помина, температурите пораснаа, а реализацијата остана очајна. Тогаш сфатив – не е до температурите“, иронично констатира Жерновски.
Тој посочи дека реализацијата на капиталните инвестиции до крајот на јуни изнесува само 26,25%, и покрај рекордниот буџет за капитални расходи од 47,5 милијарди денари. Според него, оваа бројка не е само статистика, туку сигнал за системска нефункционалност и институционален колапс.
„Кога владата не може за шест месеци да реализира ни една четвртина од планираното, тоа е јасен показател за лошо планирање, нефункционална администрација и слаба меѓуинституционална координација“, вели Жерновски.
Како што истакнува, споредбата со изминатите години е уште поалармантна – во истиот период од 2023 и 2024 година реализацијата изнесувала над 60%, а дури и во пандемиската 2021 година, била околу 40%.
Пратеникот предупредува дека ваквото темпо ја кочи економијата, го оштетува градежниот сектор, го намалува отворањето нови работни места и ги продлабочува инфраструктурните дефицити.
Дополнителен проблем, според Жерновски, е што во вакви услови Владата продолжува со интензивно задолжување, вклучувајќи го унгарскиот кредит и заемот од Обединетото Кралство, без да се гледа реален ефект од средствата.
„Задолжувањата, наместо да се алатка за развој, стануваат камен врз грбот на економијата“, пишува Жерновски, обвинувајќи дека заемите се користат за тековна потрошувачка и исплата на плати, особено во предизборен контекст.
На крајот, тој заклучува дека 2025 година веќе се претвора во „изгубена буџетска година“, која нема да биде запаметена по развој, туку по пропуштени можности и криза во управувањето со јавните инвестиции.
„Во суштина, 2025 година веќе станува симбол на изгубена буџетска година. Сепак, изгледа, не ќе да е до температурите“, завршува Жерновски.