Поранешниот амбасадор и долгогодишен политичар Андреј Жерновски преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на однесувањето на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, нарекувајќи го „самоубиец во заседа“ кој паднал во сопствената јама што му ја копал на политичкиот противник.
„Пратеникот кој владејачката партија го избра за серија театрални патриотски прес-конференции – невешто извежбани пред огледало – сам си падна во јамата што ја копаше за други“, пишува Жерновски, потсетувајќи на неодамнешните обвинувања на Лефков дека СДСМ бил „финансиран од бугарски фондови“, а тој самиот бил „домашен предавник“.
„Иронијата е што веќе следниот ден излезе информација дека околу дваесетина членови од семејството Лефкови од Кочани – први и втори братучеди, како и неговиот роден брат Иван – се бугарски државјани кои во административна постапка изјавиле дека имале дедо Бугарин и дека се чувствуваат како Бугари“, пишува Жерновски.
Тој додава дека во целата своја политичка кариера не видел потрагикомичен потег: „Просто неверојатно!“.
Според Жерновски, демантот што следувал бил само декларативен обид за одбрана, без никакво конкретно негирање на изнесените факти.
„Кога веќе зборуваме за деманти, сè уште го чекаме одговорот од лидерот на опозицијата – оној кој, според Миле, бил ‘единствената брана за македонските интереси’, а воедно и крајна цел на некакви организирани напади. Нека ни каже јавно – дали е вистина дека аплицирал за бугарски пасош?“, прашува Жерновски.
На крај, тој саркастично заклучува: „Ќе го чекаме додека не смисли што да каже. А можеби и му е попаметно да молчи, отколку да се брука со деманти како овој на глумецот со длабок глас и плитки мисли“.