Здружението на граѓани за заштита на Лагадин испрати отворено писмо до министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, барајќи итен инспекциски надзор над хотелот на инвеститорот Никола Толевски. Овој потег доаѓа по најавите на инвеститорот дека планира да го заземе и просторот на плажата, што дополнително ги вознемири жителите.
Во писмото, граѓаните потсетуваат дека објектот, изграден од фирмата „Дебој инженеринг“, со години се гради со кршење на законите и игнорирање на препораките на УНЕСКО за заштитениот крајбрежен појас. Тие тврдат дека инвеститорот веќе нелегално додал уште еден, петти кат на објектот, доградил дополнителни простории и ја узурпирал улицата и две државни парцели.
„Иако против инвеститорот се поднесени повеќе кривични пријави за нелегално градење и узурпација на јавен простор, не само во Лагадин, туку и во Пештани, тој продолжува со однесувањето ‘Никој ништо не ми може’ уште од 2017 година“, се вели во писмото.
Граѓаните го цитираат и поранешниот премиер Зоран Заев, кој во 2018 година за овој проект изјави: „за чичко Никола не може да биде ‘Не!’, мора да биде “Да!”“.
Поради најавената узурпација на плажата, тие бараат од министерот Николоски и од градоначалникот на Охрид итно да преземат мерки за да спречат дополнителна штета врз еколошкиот амбиент на охридското крајбрежје.