Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, денеска алармираше дека жичарницата на Водно со месеци работела без дозвола, доведувајќи ги во опасност животите на граѓаните и туристите. Таа се повикува на предупредувањата од синдикатот на ЈСП и бара кривична одговорност за раководството.
Во својата објава на социјалните мрежи, Зајкова истакна дека и таа лично ја користела жичарницата со својот петгодишен внук. „Морници ме лазат од помислата што сѐ можело да се случи на секој од нас“, напиша Зајкова. Таа нагласува дека безбедноста мора да биде приоритет и бара годишните технички прегледи и инспекции да ги вршат независни тела, а извештаите да бидат јавни.
Зајкова предлага да се воведат современи безбедносни системи, како што се користи во Австрија, Швајцарија и Германија, кои со помош на сензори за вибрации и движења автоматски го сопираат системот при појава на ризик.
На крајот, таа повика на кривична одговорност за раководството ако се докаже дека свесно работеле со исклучени безбедносни уреди или без дозвола.