Журн: Признавањето на Палестина е клучна алатка за разоружување на Хамас

Францускиот амбасадор во Израел, Фредерик Журн, изјави дека кампањата на Франција за признавање на палестинска држава е од суштинско значење за да се добие поддршката од арапските земји за разоружување на Хамас.

​Како што пренесе „Тајмс оф Израел“, Журн објасни дека признавањето на Палестина е клучен лост за ангажирање на муслиманските и арапските држави да прифатат идна нормализација на односите со Израел.

​„Ова ги наведе земјите како Катар да кажат дека иднината на Газа мора да биде без Хамас“, изјави Журн.

​Амбасадорот потенцираше дека одлуката на Франција често се прикажува како „награда за терор“, но дека тоа не е точно. Според него, процесот поддржан од Франција содржи предлог, потпишан од Арапската лига, за нормализација на односите со Израел заедно со палестинска држава.

​Журн се осврна на декларацијата од конференцијата на Обединетите нации во јули, каде што арапските и муслиманските земји, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Катар, Египет, Јордан и Турција, за првпат го осудија нападот на Хамас од 7 октомври 2023 година. Во истата декларација се бара ослободување на сите заложници и разоружување на Хамас.

​Амбасадорот заклучи дека безбедноста на Израел е исклучително важна за Франција и дека „мирот е тежок, а единственото нешто што е потешко е војната“.