Православните верници денеска ја одбележуваат Задушница – ден посветен на молитва и сеќавање на покојните, што се одбележува во пресрет на големиот христијански празник Духовден.
На овој ден, верниците се молат за прошка на гревовите на своите починати блиски. Во храмовите се служи парастос, а по богослужбата се посетуваат гробиштата, се палат свеќи, се читаат молитви и се принесува симболична жртва – традиционално варена пченица, леб и вино.
Македонската православна црква апелира до граѓаните да се воздржат од претворање на гробиштата во места за раскошни гозби и раздавање храна, потсетувајќи дека суштината на Задушница е духовна, а не гастрономска.
Оваа задушница, која се одбележува во саботата пред Педесетница, има посебно значење – бидејќи слегувањето на Светиот Дух врз апостолите го означува завршувањето на делото на спасението на човекот, во кое учествуваат и живите и упокоените.
Црквата на Духовден се моли Светиот Дух – наречен и Утешител – да ги оживотвори душите на сите, а особено на оние што уште за време на животот се стремеле кон духовност и светост.
Верниците кои не се во можност да ги посетат гробовите на блиските, се повикани да одат во најблиската црква и таму да извршат помен.
Духовден, или Педесетница, се одбележува во недела и се смета за „роденден на Црквата“. Според светото предание, на десеттиот ден по Христовото Вознесение, Светиот Дух слегол врз апостолите во вид на пламени јазици и им дал сила да зборуваат на различни јазици – симболизирајќи го почетокот на мисијата на Црквата низ целиот свет.